МЕНДО е популарен систем за е-учење со ~13000 корисници, кој содржи повеќе предавања поврзани со информатика, програмирање, алгоритми и структури на податоци; како и задачи од многу домашни и меѓународни натпревари по информатика. Истиот нуди автоматско оценување на испратените решенија, и се користи од страна на Здружението на Информатичарите на Македонија за организација на националните натпревари за основно и средно образование.
Дабар е интернационален предизвик наменет за ученици од основните и средните училишта, кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Во 2019 година, повеќе од 25000+ ученици од Македонија земаа учество на настанот, со што нашата држава е помеѓу оние со процентуално најголем број учесници на овој популарен меѓународен натпревар.
NOTE е систем кој се користи од страна на наставници и професори при реализација на тестирања, предавања или квизови по разни предмети. Бидејќи истиот нуди моќни опции за оценување на задачи од повеќе области, како и поставување на предавања, NOTE се користи и при подготовката на натпреварувачи кои ја претставуваат нашата држава на меѓународни натпревари по информатика - како Балканската Олимпијада по Информатика, Интернационалната Олимпијада по Информатика и Европската Јуниорска Олимпијада по Информатика.
Официјалниот веб-сајт на Интернационалната Олимпијада по Информатика е дизајниран и развиен во Македонија, а тим од нашата држава е задолжен за хостирање, оддржување и надградување на истиот. Интернационалната Олимпијада по Информатика е најпознатиот светски натпревар по информатика, поддржан од УНЕСКО и ИФИП. Секоја држава учествува со најмногу 4 натпреварувачи, како и 2 водачи на репрезентацијата. ИОИ е една од петте интернационални научни олимпијади, чија главна цел е да се стимулира интересот за компјутерските науки и информатичката технологија.
Оваа веб-апликација овозможува организација на курсеви по алгоритми и бази на податоци, како и подготовка за учество на натпревари по информатика. Истата нуди можност за автоматско оценување на испратените одговори, прикажување на точните решенија (и објаснување) на поставените задачи, како и ефикасно и брзо нудење на поддршка и сугестии за корисниците. На овој начин, можно е целосно да се автоматизира организацијата на подготвителни кампови, каде што секој ученик решава (и учи) според своите можности.
Hero овозможува анализа на активности, резултати и преземени чекори, со што истиот се користи за подобрување на начинот на кој учениците го користат своето време. На пример, со Hero може да се следи како и колку натпреварувачи се подготвуваат за учество на меѓународни натпревари по информатика, кои места ги имаат освоено на национални и електронски натпревари, и слично - по што ним може да им се испраќаат разни најави, сугестии или предупредувања со цел постигнување на подобри резултати.
При организацијата на спортски настани, потребно е да се води сметка за учесниците на настанот, правење на распоред на игра, справување со разни ситуации како откажување на играчи и слично. Нашиот софтвер овозможува повеќе функционалности, меѓу кои и правење и менување на распоред за само неколку секунди (наместо часови и денови, доколку ова би се правело рачно). Софтверот се користи од страна на една национална спортска федерација (олимписки спорт) - за организација на официјалните натпревари во нашата земја.
За успешна реализација на еден проект, потребно е соодветно планирање, истражување и создавање на софтвер кој е базиран на барањата на корисниците и нивните можности.
Голем број од училиштата во Македонија имаат дотраени компјутери со прелистувачи кои се постари и од 10 години. Проектите како МЕНДО и Дабар се дизајнирани земајќи го ова во предвид, и истите функционираат беспрекорно на сите прелистувачи.
Употребата на било кој софтвер кој е дел од проектот talent.mk е бесплатна за сите училишта, наставници и ученици од Република Македонија. Регистрацијата е едноставна и одзема само неколку минути. Сите системи се автоматизирани и безбедни.
Системите за е-учење и организација на тестирања се базирани на научно докажани методи, а нивната имплементација е објавена во повеќе научни трудови и презентации на соодветни меѓународни конференции (поврзани со образование и компјутерска наука).
Наставниците имаат многу обврски, па затоа нашите системи нудат автоматизирана поддршка за учениците - предавања, можност учениците да видат каде нивното решение е погрешно, да го видат точното решение и слично. Наставниците треба само да ги упатат учениците до нашиот сајт.
Сајтовите редовно се ажурираат со нова содржина. На пример, секоја година се објавува документ со сите задачи и решенија од натпреварот ДАБАР, кој понатаму се користи за време на часовите. Слично, на МЕНДО има објавено повеќе од 50 предавања и 400 алгоритамски задачи.
Комуникацијата од наша страна вклучува одговарање на прашања поставени од наставниците (на пример, за време на ДАБАР, наставниците добиваат телефонски број и е-маил), како и помош на учениците и студентите кои имаат прашања и истите ги поставуваат на нашиот форум.